Саудиска Арабија ги објави плановите за стадион кој ќе се наоѓа 350 метри над површината на земјата, на врвот на мегаградот Линија. Тој е дел од пријавата на Саудиска Арабија за организација на Светското фудбалско првенство во 2034 година, чии мечеви би се играле на 15 стадиони.
„Стадионот ‘Неом‘ ќе биде најуникатниот стадион на светот. Со теренот сместен 350 метри над земјата, неверојатните глетки и со покривот создаден од самиот град, стадионот ќе биде досега невидено искуство“, стои во пријавата.
Малку детали се познати за дизајнот на стадионот, кој ќе има 46.000 седишта. Тој треба да биде интегригран во првата секција на Линија, чија изградба е во тек.
Изградбата на стадионот треба да трае од 2027 до 2032 година.