„Тојота“ ги објави плановите за изградба на одржлив град на иднината во подножјето на планината Фуџи, кој би бил жива лабораторија за автономни возила, роботика и вештачка интелигенција. Овој целосно затворен екосистем за погон ќе користи гориво од водородни клетки.

Наречен Вовен Сити, тој ќе се простира на површина од 70 хектари и ќе има постојани жители, главно истражувачи и нивните семејства. Оваа футуристичка заедница целосно би го елиминирала јаглеродниот диоксид од автомобилите и зградите и ќе ја користи интернет технологијата во сите аспекти од животот. Како превозни средства најмногу би се користеле самовозечките возила на „Тојота“, „е-палет“.

Изградбата треба да стартува во почетокот на следната година и во прв момент, во него би живееле 2.000 луѓе, главно вработени во „Тојота“. Градот е осмислен од прославениот дански архитект Бјарке Ингелс.

„Поврзан, автономен, ослободен од штетни емисии, тој треба да отвори цел свет од можности за нови облици на урбано живеење“, изјави Ингелс.

Градот е осмислен од данскиот архитект Бјарке Ингелс (десно) (Фото: Гети)

Извршниот директор на „Тојота“ Акио Тојода, ја опиша оваа утописка визија како негов личен сон.

„Корпорациите како ‘Тојота‘ имаат обврска овој свет да го направат подобро место за живеење. Вовен Сити е мал, но значаен чекор кон тоа“, рече Тојода.

Градот ќе биде целосно одржлив, а зградите ќе се прават најмногу од дрво, со соларни панели на покривите.