„ВОВЕД ВО АНАТОМИЈА“ ПО 15 ГОДИНИ ОСТАНА БЕЗ ЛИКОТ НА АЛЕКС КАРЕВ

Њујорк, (АП)

Џастин Чемберс ја напушти ТВ-серијата „Вовед во анатомија“, во која 15 години го играше ликот на д-р Алекс Карев.

Со тоа, во серијата останаа уште тројца актери од првиот состав: Елен Помпео (Мередит Греј), Џејмс Пикенс Џуниор (Ричард Вебер) и Чендра Вилсон (Миранда Бејли). Последната епизода со Чемберс се емитуваше на 14 ноември и засега не е познато како серијата ќе го реши неговото заминување.

„Сега откако наполнив 50 години и сум благословен со исклучителна сопруга и пет прекрасни деца, сфатив дека е вистинското време да направам важен чекор во животот. Им благодарам на Еј-Би-Си, креаторката на серијата Шонда Рајмс, колегите од оригиналната постава, како и на останатиот дел од екипата и фановите за исклучителното патување“, стои во изјавата на Чемберс, кој глумеше во 352 епизоди.

„Вовед во анатомија“ е број еден серија на Еј-Би-Си и најавено е дека ќе има и 17. сезона.