ВО ДУБАИ СЕ ГРАДИ ВТОРАТА НАЈВИСОКА ЗГРАДА НА СВЕТОТ

Дубаи, (Си-Ен-Ен)

Во панорамата на Дубаи веќе се истакнува највисоката зграда на светот. Наскоро таму ќе се наоѓа и втората највисока зграда на планетата.

Бурџ Азизи“ почна да се гради во јануари оваа година, но нејзината точна височина тогаш не беше откриена зашто инвеститорот чекаше одобрение од властите на Дубаи. Сега е објавено дека таа ќе биде висока 725 метри.

Од самиот почеток имавме планови за два дизајна: првично одобрениот од 526 метри и вториот, уште повисок од 725 метри. Бевме отворени за двете сценарија“, изјави Мирваис Азизи, основачот и претседател на „Азизи девелопментс“.

Облакодерот со 131 кат ќе има апартмани, луксузен хотел со седум ѕвезди и седумкатен вертикален трговски центар. Ќе биде оддалечен три и пол километри од „Бурџ Халифа“, која со своите 828 метри ќе остане највисоката зграда на светот.

Моментално втората највисока зграда на светот е „Мердека 118“ во Малезија со 679 метри.