ВО ХОЛАНДИЈА ЌЕ СЕ ГРАДИ „НАЈПАМЕТНАТА НАСЕЛБА НА СВЕТОТ“ КАКО МОДЕЛ НА ИДНО ЖИВЕЕЊЕ

Амстердам, (Дезин)

Холандија ќе ја добие „најпаметната населба на светот“, кадешто жителите ќе ги произведуваат своите сопствени ресурси и ќе ја контролираат употребата на нивните податоци.

Дело на „УНСтудио“ од Амстердам, Паметната Област Бреинпорт (БСД) ќе се наоѓа во Хелмонд во јужна Холандија, кадешто во наредните десет години ќе бидат изградени нови домови за 1.500 луѓе. Оваа област е замислена како „жива лабораторија“, која ќе произведува храна и енергија, ќе управува со отпадот и ќе има целосна контрола врз своите податоци.

„Ова е уникатна холандска иницијатива за идно живеење. Сегашниот дигитален бизнис модел е крајно профитабилен за технолошките гиганти, но е далеку понеповолен за повеќето локални компании, организации и поединци. Оваа област ќе оперира според принципот жителите, бизнисите и заедницата да имаат корист од сопствените податоци и на тој начин да придонесуваат за сопствениот раст“, велат од студиото.

Технологијата ќе има значајна улога во БСД, при што собраните податоци и информации ќе се споделуваат за да се подобруваат ефикасноста и поврзаноста на заедницата.

„УНСтудио“ дизајнираше флексибилен план, што ќе овозможи постепен развој, согласно потребите на жителите, место одеднаш да се изгради целиот град на површина од 155 хектари. Локалните бизниси ќе се фокусираат на истражување и иновации.