ВО ТОКИО ПОЧНА ДА СЕ ГРАДИ НОВАТА НАЈВИСОКА ЗГРАДА ВО ЈАПОНИЈА

Токио, (Дезин)

Во Токио почна изградбата на новата највисока зграда во Јапонија, која ќе се издигнува 330 метри.

Таа е една од трите згради што архитектонското студио „Пели Кларк Пели“ ги дизајнираше за областа Тораномон-Азабудаи во централно Токио и со своите 330 метри, ќе биде за 30 метри повисока од сегашниот највисок облакодер во Јапонија, што се наоѓа во Осака.

„Од трите наши проекти за оваа локација, главната кула ќе биде најистакната на небото. Таа ќе биде првото нешто што посетителите ќе го забележат кога ќе пристигнат во Токио“, изјави Фред Кларк, коосновач на „Пели Кларк Пели“.

Кога ќе биде завршена во 2023 година, кулата ќе го преземе приматот на највисока зграда во Токио од облакодерот „Тораномон хилс“, кој е висок 258 метри. На своите 64 спратови таа главно ќе содржи деловен простор, додека на најгорните 10 катови ќе има и апартмани. Трите нови згради ќе бидат поврзани со подземно шеталиште.

„Пели Кларк Пели“ лани ја комплетираше највисоката зграда во Сан Франциско.