ЕД ШИРАН ЈА ЗАВРШИ ДВЕ И ПОЛГОДИШНАТА ТУРНЕЈА ОД 666 МИЛИОНИ ФУНТИ

Ипсвич, (Би-Би-Си)

Се гледаме за две години“, им порача Ед Ширан на фановите во Ипсвич на крајот на својата две и полгодишна турнеја „Поделено“, која испиша нови страници на музичката историја.

Ова не само што е најпосетената турнеја на сите времиња, туку и турнеја која оствари најголем приход, што се проценува на повеќе од 666 милиони фунти.

Ширан одржа 260 концерти пред 7,5 милиони луѓе на турнејата која го однесе низ Европа, Северна и Јужна Америка, Африка, Азија и Австралија. За крај, тој имаше четири настапи во Ипсвич, градот во којшто порасна, на кои дојдоа околу 160.000 фанови.

Тој го урна рекордот на турнејата „360 степени“ на „Ју-Ту“, која имаше 110 концерти од 2009 до 2011 година и донесе заработка од 450 милиони фунти. Ширан помина 893 денови на пат, наспроти 760-те на „Ју-Ту“.