БАНКСИ НАСЛИКА ЗЕЛЕНИЛО ЗАД СОГОЛЕНО ДРВО ВО СЕВЕРЕН ЛОНДОН

Лондон, (Би-Би-Си)

Мистериозниот графити уметник Банкси објави дека насликал нов мурал во паркот Финсбури во северен Лондон. На него има зелена боја испрскана на ѕидот зад едно соголено дрво за да изгледа како зеленило и човек кој држи распрскувач.

Локалните жители велат дека се горди што нивната улица е избрана за новото дело.

„Чувствуваме како ова да е лична порака за нас жителите, толку сме горди“, рече Вања Селерс, која живее близу муралот.

Џејмс Пик, авторот на серијалот „Приказната на Банкси“ на „Би-Би-Си Радио 4“, вели дека муралот веројатно бил создаден со помош на црево под притисок или со противпожарен апарат.

„Кога ќе се повлечете, изгледа како дрвото да оживува, но на забележливо лажен и синтетички начин. Сега е пролет и ова дрво треба да пука со лисја, но Банкси сигурно поминал со велосипед и помислил колку мизерно изгледа“, рече Пик.

Фото: ПА