Графити уметникот Банкси потврди дека делото што синоќа се појави на ѕид од куќа во Бристол е негово.

Се верува дека делото е инспирирано од Денот на вљубените и прикажува девојче кое со чатал исфрла црвени цвеќиња. Тие се оставени и на уличниот знак што стои покрај ѕидот. Делото веднаш беше заштитено со пластика.

Кели Вудраф, која ја поседува куќата, вели дека е пресреќна со делото.

„Неверојатно сме возбудени. Многу луѓе доаѓаат да уживаат и да фотографираат. Неверојатно е и убаво“, кажа 37-годишната Вудраф, додавајќи дека делото се појавило на 67. роденден на татко ѝ.