БАРБАДОС ПОЧНА НОВА ЕРА КАКО РЕПУБЛИКА И ЈА ПРОГЛАСИ РИЈАНА ЗА НАЦИОНАЛНА ХЕРОИНА

Бриџтаун, (АФП)

Барбадос денеска влезе во нова ера откако и официјално стана република и 55 години од прогласувањето независност се откажа од Елизабета Втора како шеф на држава. Истовремено, најпознатата жителка на оваа карипска држава Ријана беше прогласена за Национална хероина.

(Фото: Рекс)

Ријана донесе гламур на церемонијата во главниот град Бриџтаун, облечена во свилен портокалов фустан на италијанскиот моден бренд „Ботега Венета“.

„Продолжи да блескаш како дијамант и да ѝ носиш чест на нацијата со своите дела и постапки“, кажа премиерката Мија Мотли.

(Фото: Рекс)

Робин Ријана Фенти е родена во Сент Мајкл и пораснала во проблематичен дом во Бриџтаун пред американскиот продуцент Еван Роџерс да го открие нејзиниот талент. Паралелно со статусот на една од најголемите музички ѕвезди, Ријана изгради успешен бизнис во светот на шминката и модата и „Форбс“ во август го процени нејзиното богатство на 1,7 милијарди долари.