БАРБИ ПОЛНИ 60 ГОДИНИ, ДОСЕГА СЕ ПРОДАДЕНИ МИЛИЈАРДА КУКЛИ

Лос Анџелес, (АФП)

Годинава полни 60 години и сѐ уште нема ниедна брчка. Русокоса или бринета, со исправена или со навиткана коса, со бел или со црномурест тен, принцеза или претседателка, Барби отсекогаш е омилена играчка на малите девојчиња, колку и да предизвикуваше контроверзии низ годините.

И покрај големата конкуренција во индустријата на играчки, 58 милиони Барби кукли се продаваат секоја година во повеќе од 150 земји.

„Во индустрија во која е успех да опстоиш од три до пет години, 60 години е огромна работа“, изјави Нејтан Бејнард, директор на глобалниот маркетинг за Барби.

Денес, 55 отсто од продадените кукли немаат ниту руса коса, ниту сини очи

Севкупно, над милијарда Барби кукли се продадени од нејзиното појавување на Американскиот саем за играчки во Њујорк, на 9 март 1959 година. Куклата е изум на Рут Хандлер, коосновачка на „Мател“, која се инспирирала од нејзините деца.

„Нејзината ќерка Барбара немала голем избор на играчки, тогаш имало само играчки-бебиња. Единствената улога која со нив можела да ја игра била негувателка, мајка. Синот на Рут, од друга страна, си играл со играчки со кои можел да виде астронаут, каубоец, пилот, хирург“, вели Бејнард и додава:

„Барби, се разбира, е скратено од Барбара. Таа беше инстант успех. Првата година се продале 300.000 кукли“.

На почетокот, пропорциите на Барби не изгледале толку феминистички, но низ годините, тие наидоа на голем број критики.

„Во 1959 година, нејзиното тело било направено во согласност со естетиката на тоа време, како и материјалот што бил достапен“, вели дизајнерката на Барби, Карлил Нуера.

„Мател“, во меѓувреме, направи низа корекции, воведувајќи кукли со различни форми на тело и бои на кожа. Првата црномуреста Барби, Кристи, се појави во 1968 година.

Според Лиза Мекнајт, потпретседателка на „Мател“, денес, 55 отсто од продадените кукли немаат ниту руса коса, ниту сини очи. Иако има 60 години, таа е секогаш млада, сѐ уште сингл и без деца.

„Приказната за брендот Барби е дека таа е млада, независна жена, која гради кариера“, вели Мекнајт.