ПРЕМИЕРА НА ПРЕТСТАВАТА „СЛАДОЛЕД ЗА ЖЕНИ” ОД НИКОЛА РИСТОВ ВО ШТИП

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Народниот театар во Штип, во соработка со здружението „Артонаут“, вечерва (9 јули) од 20 часот премиерно ќе ја изведе претставата „Сладолед за жени“ во рамките на Штипско културно лето. Режијата е на Никола Ристов, а претставата е работена по мотиви на современата романсиерка Мишел Лов.

​Во оваа трагикомедија игра познатата штипска актерска тројка Анѓелка Нашкова, Елена Шорова Дербов и Марија Минчева-Андонов.

„Во свет во кој никој не е целосно невин, а никој не е доволно паметен да ја сокрие вистината, вкусот останува и не поминува лесно затоа што човечката глупост може да биде опасна, а понекогаш и трагикомична“, вели режисерот Ристов.

Влезот е слободен, а поради големиот интерес сите билети се веќе резервирани. Театарот најави репризна изведба на 17 јули во истиот термин.

Т. ЈОВАНОВСКИ