БРИТАНСКИ УМЕТНИК ЈА ПРАВИ НАЈГОЛЕМАТА СЛИКА НА СВЕТОТ И ЌЕ ЈА ПРОДАВА ЗА 30 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ЗА ХУМАНИТАРНИ ЦЕЛИ

Дубаи, (Си-Ен-Ен)

Британскиот уметник Саша Џафри ја презеде балската соба во луксузен хотел во Дубаи со цел да го создаде најголемото уметничко дело на платно. Откако ќе биде готова, Џафри планира да ја исече 1.980 квадратни метри големата слика во панели и да ги продаде на аукција, обидувајќи се да собере 30 милиони долари за хуманитарни цели.

Насловена „Патувањето на човештвото“, сликата ќе биде голема колку четири кошаркарски терени во НБА. Тој дошол на идеја да создаде вакво дело откако четири месеци останал заглавен во Дубаи по воведувањето на рестриктивните мерки поради коронавирусот.

Џафри почнал да ја прави сликата откако четири месеци останал заглавен во Дубаи

„Бев заглавен во Дубаи и сакав да создадам нешто значајно, нешто што би можело да направи голема разлика“, вели 43-годишниот Џафри.

Тој додава дека во креирањето на сликата учествуваат и деца од цел свет.

„Побарав од децата од цел свет да ми испратат свои дела, во кои ќе ги прикажат своите емоции во овие времиња на изолација. На нас возрасните сето ова ни паѓа тешко, но замислете како се чувствува едно четиригодишно дете“.

Се очекува создавањето на делото да трае 24 недели и откако ќе биде готово, ќе биде исечено во 60 делови со големина од по 30 квадратни метри.

„Тие ќе бидат дадени на аукција во декември, со цел да се соберат 30 милиони долари, кои ќе бидат наменети за најсиромашните деца на светот“, вели Џафри.