БРИТАНЦИТЕ ЌЕ ПОТРОШАТ 320 МИЛИОНИ ФУНТИ ЗА НОЌТА НА ВЕШТЕРКИТЕ

Лондон, (Ројтерс)

Британците ќе потрошат околу 320 милиони фунти за Ноќта на вештерките. Аналитичарите велат дека годинава има раст во трошењето за Халовин за 3,2 отсто во однос на 2016 година.

Според податоците на маркетинг агенцијата „Ју Гов“, во 2001 година граѓаните потрошиле само 12 милиони фунти за одбележување на Ноќта на вештерките. Најголема причина за растот на потрошувачката на костими и други додатоци карактеристични за овој празник се младите луѓе на возраст од 20 до 30 години, кои масовно ја прифаќаат традицијата ноќта меѓу 31 октомври и 1 ноември да се маскираат.

Со тоа и Британците по стапките на Американците почнуваат да ја прифаќаат традицијата на Ноќта на вештерките, што не беше толку изразено во минатото. Со години Британците не го признаваа овој ден и одбиваа да го слават бидејќи не чувствуваа историска поврзаност со него и го сметаат како увезен од САД.

 

Зошто се празнува Ноќта на вештерките

Традицијата на славање на овој ден потекнува од Келтите, кои за почетокот на новата година го сметале 1 ноември. Тие верувале дека ноќта меѓу 31 октомври и 1 ноември мртвите излегувале од гробовите, па затоа тие правеле врева и се маскирале, со цел да ги исплашат и избркаат. Овој обичај со одредени измени го презеле и старите Римјани, кои оставале свеќи во репки пред вратите на нивните домови за да ги избркаат мртвите.

Денеска во земјите каде се празнува овој ден децата се маскираат како вештерки, духови, костури, одат од куќа на куќа и кажуваат “трик ор трит“ и добиваат благи. Речиси пред секоја куќа има исчистена тиква во која е ставен фенер.