БУКЕТОТ ШТО ИМ СЕ ДАВА НА СПОРТИСТИТЕ ВО ТОКИО ИМ ОДДАВА ПОЧИТ НА ЖРТВИТЕ НА КАТАСТРОФАТА ВО 2011

Токио, (Би-Би-Си)

Да се освои олимписки медал е голем момент за секој спортист, но посебно значење има и букетот цвеќиња што се дава на подиумот во Токио. На овие Олимписки и Параолимписки игри ќе бидат доделени повеќе од 5.000 букети.

Цвеќињата содржани во букетите главно се одгледуваат во трите окрузи во североисточна Јапонија, Ивате, Фукушима и Мијаги, кои беа најтешко погодени од земјотресот и цунамито во 2011 година, кога загинаа речиси 20.000 луѓе.

Светложолтите сончогледи, кои доминираат во букетите, доаѓаат од Мијаги и се садени од родителите на децата кои загинаа во катастрофата.

Нежните виолетови и бели цвеќиња се одгледани во Фукушима од страна на непрофитна иницијатива која имаше за цел да се обиде да ја обнови локалната економија по катастрофата, која сериозно го уништи земјоделското производство. Гентијани, малите светлосини цвеќиња, потекнуваат од Ивате, крајбрежна област која беше уништена од огромните бранови во 2011.

Букетот се комплетира со зеленото растение аспидистра, кое расте во Токио и е избрано да го претставува градот-домаќин.