ЏИЛ БАЈДЕН НА НАСЛОВНАТА СТРАНИЦА НА „ВОГ“ ОТКАКО МЕЛАНИЈА ТРАМП БЕШЕ ИГНОРИРАНА

Њујорк, (Си-Ен-Ен)

По четири години пауза, првата дама на САД повторно се наоѓа на насловната страница на „Вог“.

Откако оваа можност ѝ беше ускратена на Меланија Трамп, сопругата на Џо Бајден се појави на насловната страница на августовското издание на магазинот, облечена во фустан на Оскар де ла Рента. Фотографиите се направени од легендарната Ени Либовиц.

Во интервјуто за магазинот, таа вели дека има премногу иницијативи што сака да ги реализира додека е во Белата куќа.

„Кога станав втора дама, имаше толку многу работи што сакав да ги направам и секогаш си велев дека нема залудно да ја потрошам оваа платформа. Сега имам уште поголема платформа и од ништо не сакам да се откажам“, вели таа.

Џил и Џо Бајден неодамна прославија 44 години брак и тој призна дека сè уште учи како да ги балансира претседателската работа и приватниот живот.

„Мора да научиме како да украдеме малку време еден од друг“, изјави Џо Бајден.

Првите дами на САД веќе со децении се појавуваат на насловната страница на „Вог“. Исклучок беше Меланија Трамп, за што магазинот никогаш јавно не се изјасни.