АМЕРИКАНСКИ УМЕТНИК СОЗДАВА ОГРОМНИ ДЕЛА СО ГРЕБЛО ШТО ИСЧЕЗНУВААТ СО ПРВАТА ПЛИМА

Сан Франциско, (Лонли планет)

Андрес Амадор најдобро може да се опише како „пејзажен уметник“. Неговата основна алатка е гребло, со кое од 2004 година создава огромни геометриски шаблони и дизајни на плажите во Северна Калифорнија и низ светот.

Делата на Амадор, кои знаат да се простираат на површина до 35.000 квадратни метри, се „геометрија во движење“: тие се шират според принципите на раст и стануваат речиси сопствени ентитети.

„Никогаш нема две исти дела. Секое дело е уникатно според начинот на кој се реализира. Дизајните се инспирирани од најразлични извори, како природа, калиграфија и древна архитектура. Понекогаш почнувам од веќе постоечки шаблон, како пукнатина во кал, а понекогаш развивам нова техника за да создадам масивно дело, од што потоа произлегуваат нови дизајни“, објаснува Амадор.

Неговата работа е комбинација од планирање и моментална инспирација, при што избира плажи изолирани од населени области.

Делата на Амадор имаат краток век на траење.

„Еднаш кога ќе надојде плимата, моите шаблони исчезнуваат. Тоа е нешто со што сум се помирил. Кога делото е завршено, го оставам“.