КИНОТЕКА СО ПРОЕКЦИЈА НА „ХАЈ-ФАЈ“ ВО ЧЕСТ НА ДАНЧО ЧЕВРЕСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Денеска од 18 часот, во Кинотеката ќе се прикаже филмот „Хај-фај“ од 1987, во режија на Владимир Блажевски, во чест на неодамна починатиот актер и продуцент Данчо Чеврески (1951-2020), кој тука ја оствари една од неговите позначајни улоги. Од Кинотеката велат дека секој посетител ќе добие подарок: ДВД издание со дигитално реставрираните играни и документарни филмови на Столе Попов.

Чеврески дипломирал на ФДУ во Скопје на Отсекот за драмски актери. Специјализација, односно филмско усовршување има добиено на УКЛА во Лос Анџелес.

Глумеше во повеќе југословенски и македонски филмови и серии, меѓу кои „Партизанска ескадрила“, каде што стана популарен со ликот на Зеко, „Игмански марш“, „Најдолгиот пат“, „Трст виа Скопје“, „Тетовирање“, „Џипси меџик“, „Панкот не е мртов“, „Ова не е американски филм“, а последната филмска улога му е во „Втора шанса“ од 2019.