„АУРУС СЕНАТ“ – РУСКИОТ „РОЛС-РОЈС“ РАСПРОДАДЕН ЗА НАРЕДНИТЕ ДВЕ ГОДИНИ

Москва, (Мотор1)

Руската компанија „Аурус моторс“ објави дека го распродала севкупното производство на својот луксузен седан „сенат“ за наредните две години и заинтересираните нови купувачи ќе мора да почекаат до 2021 година.

„Гордо можам да кажам дека во 2019 и 2020 година нема да биде можно да се купи ‘сенат‘, бидејќи е распродаден две години однапред“, изјави Вадим Светсов, генералниот менаџер и косопственик на компанијата.

Наречен руски „ролс-ројс“, „сенат“ ќе биде произведен во само 120 примероци во 2019, но капацитетот би требало да порасне една година потоа. Половина од возилата ќе бидат купени од Федералната безбедносна служба, која ги штити највисоките руски државни функционери, а „Аурус“ ќе обезбеди и флота автомобили за владата, парламентот и за претседателскиот кабинет.

Почетната цена на „сенат“ ќе биде десет милиони рубли, односно околу 152.000 долари.

„Аурус“ потврди дека ќе учествува на следното издание на Женевскиот автосаем, во март 2019, кога и „сенат“ ќе го има своето европско деби.