Околу 5.000 луѓе ќе донираат крв за да се создаде новото дело на британскиот уметник Марк Квин, наречено „Одисеја“.

Тоа ќе биде изложено во Јавната библиотека во Њујорк од следниот септември и неговата цел ќе биде да го сврти вниманието кон мигрантската криза и да се соберат 30 милиони долари за хуманитарни организации.

„Одисеја“ е проект на кој се работи веќе три години и се состои од две големи коцки кои содржат по еден тон замрзната крв. Една коцка ќе ја содржи крвта добиена од мигранти, а за другата, крв ќе донираат и славни личности, како Боно Вокс, Пол Маккартни, Кејт Мос и Џуд Лоу. Јавноста, како и самиот автор, нема да знае чија крв е во секоја од коцките, со цел да се нагласи дека сите луѓе делат суштински сличности.

Проѕирниот павилјон во кој ќе бидат изложени коцките ќе го креира славниот британски архитект Норман Фостер.

„Основната поента на скулптурата е дека под кожата, сите сме исти. Ќе видите две скулптури направени од крв, но нема да знаете од кого е крвта“, вели Квин.

За да добие крв од 5.000 луѓе, Квин од јануари ќе постави мали лаборатории во неколку градови низ светот, што, како што вели, ќе биде изведено согласно највисоките професионални и етички стандарди. Секој што ќе донира крв ќе сними и кратка видеопорака.

„Ова го сфаќам како прво мигрантско уметничко дело. По Њујорк, планирам да го изложам и во Лондон, како и низ Европа, Блиски Исток и Африка“, додава Квин.