„Фиат 500“ е еден од најсимпатичните автомобили на сите времиња, а во 2021 година почнува негова нова, електрична ера.
„Фиат 500е“ нема да го замени сегашниот модел, кој беше возобновен во 2007 година, туку ќе биде сосема нов проект. Ќе се произведува во Торино, додека класичната верзија ќе продолжи да се прави во Полска.
Електричното „фиќо“ го задржува безвременскиот дизајн на „500“, со тоа што порасна неколку сантиметри во должина и широчина. Во внатрешноста, инструменталната табла е заменета со дигитален седуминчен екран, а новиот мултимедијален систем Uconnect 5 се поврзува на интернет и до него може да се пристапи и преку смартфон.
„500е“ ќе го придвижува електричен мотор со батерија од 42 киловат-часови и тој развива 118 коњски сили. До 100 километри на час ќе стигнува за девет секунди, а максималната брзина му е 150 км/час. Со едно полнење ќе може да помине околу 320 километри.
„Фиат 500е“ веќе може да се нарача во Европа и почетната цена изнесува 37.500 евра.