„Ламборгини“ го претстави својот нов суперавтомобил „есенца СЦВ12“, но неговите сопственици нема да можат да го возат на јавни патишта.

Токму затоа, ако купите еден, компанијата се понуди да ви го чува во специјална гаража во нејзиното седиште во Италија. Сопствениците ќе имаат пристап до својот автомобил преку безбедна веб-камера, па ќе можат да го видат во кое било време. „Ламборгини“ ќе обезбеди транспорт на автомобилот до која било тркачка патека на светот, каде што сопственикот ќе може да го повози. Компанијата исто така ќе организира неколку специјални настани годишно, на кои што сопствениците на „есенца“ заедно ќе можат да уживаат во своите возила.

Од „Ламборгини“ велат дека „есенца“ го има најмоќниот мотор на компанијата досега, од 830 коњски сили. Ќе бидат произведени само 40 примероци и ќе има слична цена како моделите „сентенарио“ и „сијан“, кои се продаваа за 1,9-2 милиона долари.

„Овој автомобил е како специјален пасош за најексклузивниот свет на ‘Ламборгини‘‘‘, изјави главниот инженер на компанијата Маурицио Реџани.