ФИНСКА ГО ДОБИ ПРВИОТ САМОВОЗЕЧКИ АВТОБУС ПОГОДЕН ЗА СИТЕ ВРЕМЕНСКИ УСЛОВИ

Хелсинки, (Дезин)

Финска доби самовозечки автобус кој може да се движи во секакви временски прилики, дело на јапонскиот бренд „Муџи“ и на финската компанија за автономни возила „Сензибл 4“.

Најавен како проект пред само три месеци, автобусот „гача“ го имаше своето прво возење минатата недела. Според двете компании, „гача“ е првиот самовозечки автобус на светот кој може да вози во сите временски услови, вклучувајќи пороен дожд, магла и снег. Се очекува тој да биде пуштен во редовен сообраќај наредниот месец во финскиот град Еспо, а потоа ќе вози и во други градови.

„Ова е прва генерација роботски автобуси. Комплетната технологија на автономно возење сè уште не ни е достапна. Повеќето самовозечки автомобили можат да оперираат само во идеални услови и на добро обележани патеки и тоа е она што ние успеавме да го промениме низ постојани тестови во тешките зимски услови во Лапонија“, изјави извршниот директор на „Сензибл 4“, Хари Сантамала.

Автобусот самостојно вози следејќи дигитална мапа во вид на невидлив автопат.

Неодамна, и „Волво“ го претстави својот електричен автобус без возач, кој може да прими 93 патници.