Драмски театар денеска ќе настапи со претставата „Фестен“ во режија на Зоја Бузалковска на Интернационалниот фестивал „Театар на крстопат“, во организација на Народниот театар во Ниш.

Фестивалот почна на 11 март, на денот на основањето на нишкиот театар, и ќе трае до вторник, а на програмата се девет претстави во натпреварувачкиот дел.

„Фестивалот има за цел да ја обедини театарската уметност од Балканот на едно место и цели кон јакнење на меѓународната културна размена, промовирање на театарските творци и размена на театарски техники и идеи“, велат од Драмски.

„Фестен“ е работена по текст на Дејвид Елдриџ и е адаптација на истоименото сценарио, чии автори се Томас Винтерберг, Могенс Руков и Бо. Хр. Хенсен, за првиот догма филм, снимен во 1998 година.

Играат: Александар Степанулески, Дејан Лилиќ, Соња Стамболџиоска, Диме Илиев, Лилјана Велјанова, Емилија Мицевска, Димитрија Доксевски, Лазе Манасковски, Ѓорги Тодоровски, Тамара Ристоска, Предраг Павловски, Златко Митрески, Дениз Абдула и Анастасија Аневска.