„ФОЛКСВАГЕН“ ГО НАЈАВИ СВОЈОТ НАЈЕКСТРЕМЕН „ГОЛФ“ ДОСЕГА

Берлин, (Експрес)

Додека ривалите „Хонда“, „Мерцедес-Бенц“, „Ауди“ и БМВ ја засилија играта, „Фолксваген“ малку ја запостави својата спортска понуда, но шефот на маркетингот на компанијата, Јирген Штакман, вели дека се враќаат на голема врата.

Осмата генерација на „голф“ ќе оди далеку, а Р-моделот ќе биде негова најсилна и најекстремна верзија досега. „Голф 8“ се очекува на пазарот во текот на наредната година, а потоа излегуваат и спортските варијанти.

„Р-брендот ќе биде екстремен, тој ќе ги надмине границите на разумното. На никој не му треба компактен автомобил со 400 коњски сили, но има простор за него“, изјави Штакман.

Новиот „голф Р“ ќе биде погонет од дволитарски четирицилиндричен турбомотор, како сегашниот модел, но со модификации, ќе добие 400 коњски сили, со што ќе може да се носи со „ауди РС3“ и со следната генерација на „мерцедес-АМГ А45“. Тој може да добие и 48В хибриден систем и комбинација на погон на сите четири тркала и седумстепенски ДСГ-менувач.

Новите брутални перформанси на „голф 8“ ќе бидат нагласени и со измени во дизајнот.