„ФОЛКСВАГЕН“ ГО ПРОСЛАВИ 70. РОДЕНДЕН НА ОМИЛЕНОТО КОМБЕ „ТРАНСПОРТЕР“

Минхен, (Мотор1)

Кога се зборува за возила кои го имаат положено тестот на времето, на првото место е „шевролет сабрбан“, кој почна да се произведува во 1935 година и моментално е најдолговечниот автомобил на светот. Следува „форд Ф-серија“, чиј семеен пикап се појави во 1948 година и дел од оваа листа несомнено ќе беше и „буба“, доколку „Фолксваген“ не одлучеше лани да го прекине производството.

Еден друг омилен модел на „Фолксваген“ овој месец одбележа завиден јубилеј. Станува збор за комбето „транспортер“, кое го прослави 70. роденден, со што е најдолговечното комерцијално возило на светот.

Сега во своја шеста генерација, првиот „транспортер“ излезе од фабриката во Волфзбург на 8 март 1950 година и низ историјата го следеа прекари „були“, „комби“ и „микробус“. Последната верзија „Т6.1“ беше претставена во 2019, кога доби нов мотор, интелигентни системи за помош при возење и редизајниран преден дел.

„Транспортер“ досега се продал во 13 милиони примероци.