Францускиот графити уметник Сајп работеше на надморска височина од 2.000 метри за да го создаде своето ново монументално дело, со кое укажува дека на луѓето денес им треба посмирен и подуховен пристап кон животот.

Делото насловено „Нов закуп на животот“ има големина од 1.500 квадратни метри и го краси врвот Молесон во западниот дел на швајцарските Алпи. Направено со биоразградлива боја, делото прикажува момче кое дува балончиња во областа позната по своите облаци.

„Мислам дека живееме во свет кој е супертежок и ни треба малку леснотија. Облаците се малку како сон, имагинација. Кога бевме деца, секогаш замислувавме облици во облаците“, вели 32-годишниот Сајп, чие вистинско име е Гијом Легро.

Од тревници на Алпите до поле во Русија, неговите дела се видливи само од воздух и не траат долго, бргу исчезнувајќи во пејзажот. Сајп користи боја и спреј за да прави ултрареалистични слики на локални луѓе на самата трева, налик на графити. Притоа твори со биоразградлива боја, што ја прави по домашен рецепт.