МЕСИ ДЕБИТИРАШЕ ЗА ПСЖ, КАРТИТЕ ЗА МЕЧОТ СЕ ПРЕПРОДАВАЛЕ ЗА 6.000 ЕВРА

Париз, (Би-Би-Си)

Легендата на Барселона, Лео Меси, првпат во кариерата носеше дрес на некој друг клуб откако синоќа дебитираше за Пари Сен-Жермен. Аргентинецот влезе во игра во 66. минута на гостувањето кај Ремс во француското првенство и неговото можно деби толку го зголеми интересот за картите за натпреварот, што тие се препродавале за 6.000 евра.

Меси доби стоечки овации од распродадените трибини кога го замени Нејмар.

„Тој сè уште е далеку од својата најдобра форма, но добро тренираше во изминатиот период и ќе биде целосно подготвен за две недели. Го очекуваме најдоброто од него. Среќен сум што дебитираше и тоа беше многу важно за него. Беше убаво да се чуе публиката како навива за него, не само нашите фанови. Лео го заслужи тоа“, изјави тренерот на ПСЖ, Маурицио Покетино.

Килијан Мбапе ги постигна двата гола во победата од 2:0, но тоа би можел да биде неговиот последен настап за ПСЖ, бидејќи Реал Мадрид прави напори да го купи пред завршувањето на преодниот рок утре. Реал пред неколку дена испрати понуда од 160 милиони евра.