Французинот Ришар Плод влезе во Гинисова книга на рекорди со највисоката структура на светот направена од кибритчиња, откако неговата реплика на Ајфелова кула од 7,19 метри во прв момент беше одбиена. Плод работел на кулата 4.200 часа и притоа употребил 706.900 кибритчиња и 23 килограми лепак.
„Осум години, цело време мислев дека ја градам највисоката структура од кибритчиња на светот. Затоа бев многу разочаран кога бев одбиен. Тоа не беше фер“, изјави Плод.
Неговата кула во прв момент беше одбиена од Гинисова книга на рекорди зашто користел погрешен тип кибритчиња. Плод почнал да ја гради со комерцијални кибритчиња, отсекувајќи го врвот на секое. Уморен од овој мачен процес, тој го прашал производителот дали може да купи само дрвени стапчиња без глава, поради што Гинис не сакал да му го признае рекордот.
„Бевме малку престроги кон Плод. Неговиот обид навистина е неверојатен“, изјави Марк Мекинли, директор во Гинисова книга на рекорди.