ХРВАТСКАТА КОМПАНИЈА „РИМАЦ“ ГО ПРЕЗЕМА „БУГАТИ“

Загреб, (Индекс)

„Римац автомобили“, компанијата на хрватскиот иноватор и претприемач Мате Римац, станува мнозински сопственик на „Бугати“, беше соопштено денеска. Хрватската компанија притоа ќе се преименува во „Римац група“ и ќе биде поделена на два дела, „Бугати Римац“ и „Римац технолоџи“. Седиштето на новата компанија ќе биде во Хрватска и двата бренда ќе продолжат да развиваат модели на автомобили во рамките на компанијата.

Основана во 1909, „Бугати“ е едно од најпрестижните имиња во светот на суперлуксузните брзи автомобили. Во 1998 брендот стана дел од групацијата „Фолксваген“.

„Ова е пресвртен момент во историјата на компанијата. Се здружуваме со иконата на автомобилските брендови во нова автомобилска и технолошка компанија. За само десет години, ‘Римац автомобили‘ напредуваше од стартап компанија и еден човек во гаражата до создавањето на ‘Бугати Римац‘, во соработка со ‘Порше‘ и ‘Фолксваген група‘“, соопшти Римац.

„Римац група“, на чие чело ќе биде Мате Римац, ќе поседува 55% од акциите на „Бугати“.

Ова следува повеќе од еден месец откако „Римац“ објави дека ќе почне со сериско производство на својот хиперавтомобил „невера“.