Кина претстави прототип на нејзината следна генерација брзи возови, за кој вели дека ќе биде најбрз на светот.
Моделот „ЦР450“, претставен во Пекинг, постигнал максимална брзина од 450 километри на час на пробното возење и оперативна брзина од 400 километри на час, објави кинеското министерство за транспорт. Откако ќе влезе во комерцијална употреба, тоа ќе биде најбрзиот воз на светот, надминувајќи го сегашниот кинески модел „ЦР400“, кој може да вози 350 километри на час.
Дизајнерите на возот „CRRC Changchun Railway Vehicles“ и „CRRC Sifang“ ги фалеа неговите оперативна брзина, енергетска ефикасност, контрола на бучавата и сопирачки перформанси. Тој поминал низ 3.000 симулации и над 2.000 тестови за да се задоволат строгите барања за комерцијална употреба.
Во последната деценија, Кина стана неприкосновен светски лидер во развојот на железницата, градејќи илјадници километри нови пруги кои стигнуваат до речиси секој агол на земјата. Нејзината железничка мрежа се протега преку 160.000 километри, вклучително и повеќе од 46.000 километри брзи линии, според кинеското министерство за транспорт.
Брзата железница долго време се смета за ефикасна алтернатива за воздушниот сообраќај за патувања до 1.100 километри, поврзувајќи ги поголемите градови и руралните делови на земјата.
(Фото: Шатерсток)