„БМВ“ и „Мини“ се пофалија дека „мини електрик“ возел од Минхен до Автосаемот во Франкфурт, што е дистанца од околу 400 километри, но притоа добија вистинска лекција од Кинезите.
За да ја покажат издржливоста на електричните модели, два теренца „аивејс У5“, сѐ уште во фаза на прототип, поминаа пат од 15.022 километри од Кина до Франкфурт, притоа поставувајќи нов Гинисов рекорд за најдолго патување со електрично возило. Тоа почнало на 17 јули од кинескиот град Шијан и теренците пристигнале во Франкфурт на 7 септември, откако поминале низ 12 азиски и европски држави, следејќи го древниот пат на свилата.
Инженерскиот тим на „аивејс У5“ го искористил 53-дневното патување за да го испита возилото во разни климатски и инфраструктурни услови, вклучувајќи пустина, степа и планина.
„Ова беше патување од епски димензии, при што ‘У5‘ помина низ некои од најдобрите и најлошите услови за возење што еден возач може да ги искуси во својот живот. Покажавме дека развивме возило кое е погодно за возење како во Шангај, така и во западна Европа“, изјави шефот на техничкиот оддел на „Аивејс“, Винтер Ванг.
Од компанијата велат дека нивното возило може да помине 460 километри со едно полнење и дека во Европа ќе почне да се продава од април 2020.