„ЛЕГО“ ГИ СОЗДАДЕ ПРВИТЕ КОЦКИ ОД РЕЦИКЛИРАНИ ПЛАСТИЧНИ ШИШИЊА

Копенхаген, (Ројтерс)

„Лего“ ги претстави првите коцки направени од рециклирани пластични шишиња и се надева дека тие ќе почнат да се продаваат како дел од сетовите за две години.

Данската компанија произведува милијарди коцки годишно, најмногу од пластика наречена АБС. Прототипот на новите коцки е направен од ПЕТ пластика од искористени шишиња, на која се додадени адитиви за да ја имаат цврстината на стандардните коцки. Тие се резултат на тригодишни експериментирања со 250 варијации на материјали.

Во просек, секое еднолитарско пластично шише искористено во процесот обезбедило доволно материјал за десет ‘лего‘ коцки. Процесот дополнително ќе се тестира и развива, пред да биде решено дали ќе се премине на пробна производствена фаза. Се очекува следната фаза од тестирањата да трае околу една година.