ЛИМУЗИНАТА НА ПУТИН ОД СЕДУМ ТОНИ ЈА ИМАШЕ ЕВРОПСКАТА ПРЕМИЕРА ВО ЖЕНЕВА

Женева, (Аутокар)

„Сенат С600“ и лимузината „сенат Л700“, првите два модела на новиот руски луксузен автобренд „Аурус“, ја имаа својата европска премиера на Автосаемот во Женева. Замислени како руски одговор на „Ролс-ројс“, тие за првпат беа покажани на минатогодишниот саем во Москва.

„Сенат Л700“, за кој се вели дека нуди „бескомпромисно ниво на заштита од проектили и експлозиви“, ќе биде новото службено возило на рускиот државен врв и можеше да се види на ланската инаугурација на Владимир Путин. Сметајќи дека Русија треба да има сопствени претседателски возила, новиот бренд е развиен според инструкциите на Путин.

Долга 6,63 метри и тешка седум тони, лимузината доаѓа со менувач со девет брзини и со 4.4-литарски В8 мотор, заеднички развиен од рускиот институт НАМИ и „Порше“, што овозможува забрзување до 100 км/час за девет секунди. На помалиот и неблиндиран „С600“ (5,63 метри) за ова му требаат помалку од шест секунди со истиот мотор.

Во иднина, „Аурус“ планира и развој на миникомбето „арсенал“ и на теренецот „комендант“.