Британската амбасада во Македонија организира кампања со повеќе активности за годинашното одбележување 25 години билатерална соработка помеѓу двете земји.

Со подготовки почна во ноември, кога Амбасадата објави повик за студентите по дизајн и уметности да изработат лого на кампањата.

Победничкото лого на кампањата за одбележување 25 години билатерална соработка помеѓу Велика Британија и Македонија

Освен текст кој беше објавен на социјалните медиуми, од Амбасадата снимија и видео, во коешто амбасадорот Чарлс Гарет ги покани студентите да се мотивираат и да дизајнираат лого.

Заменик директорот на ФОН Леон Бакрачески, Ребека Влаисављевиќ, амбасадорот Чарлс Гарет и професорката Марија Ветероска (Фото: Британска амбасада)

По отворениот конкурс од околу еден месец, внатрешната комисија за најдобро го одбрала логото на Ребека Влаисављевиќ, студентка на универзитетот ФОН.

Четврт век стабилни односи. Блоковите што ги составуваат овие бројки ги означуваат минатите и идните проекти, создадени заедно со настојчивост и лојалност. Црвената боја го означува единството на двете земји, затоа што ја имаат во нивните знамиња“ , објаснува студентката.

По објавувањето на одлуката, Ребека со професорката Марија Ветероска и со заменик директорот на ФОН Леон Бакрачески му беа на гости на амбасадорот, од кого доби писмо со благодарност и книга за дизајн.

Сакавме да ги мотивираме младите студенти во Македонија да бидат дел од нашата кампања и да ни помогнат да го одбележиме 25-годишното британско-македонско пријателство. Исто така, сакавме да го истакнеме креативниот талент од македонските универзитети. Дизајнот на Ребека е одличен пример на тој талент и соодветна илсустрација на партнерството помеѓу Велика Британија и Македонија“, изјави амбасадорот Гарет за СМАРТ СДК.МК.

По промоцијата на логото, објавивме и видео со министерот за надворешни работи Никола Димитров во неформален разговор со амбасадорот, што, исто така, ни беше активност за отпочнување на кампањата. Сите овие активности беа сработени со максимум користење на дигиталните медиуми и со минимум финансиски средства“, велат од Амбасадата.

Б. НЕСТОРОСКА