Самовозечки електричен автобус е пуштен во промет во шпанскиот град Малага, што е прв таков проект во Европа.
Автобусот е опремен со сензори и камери и го поврзува пристаништето со центарот на градот, на делницата долга осум километри, што ја поминува шест пати во денот.
„Автобусот цело време знае каде се наоѓа и што е пред него. Тој се поврзува со семафорите, кои исто така се опремени со сензори“, изјави Рафаел Дурбан Кармона, шефот на транспортната компанија „Аванса“, која стои зад проектот.
Автобусот користи вештачка интелигенција за да ги унапреди своите „одлуки“, засновани врз податоците што се снимаат долж маршрутата. Долг 12 метри, може да прими 60 патници и е производ на шпанската компанија „Ирисар“.
И покрај напредната технологија, возач, сепак, седи зад воланот за секој случај, бидејќи шпанските закони засега не дозволуваат самовозечки возила на патиштата.