Епска автобуска линија од следната година ќе ги поврзе Индија и Лондон, при што ќе се поминува дистанца од 20.000 километри. Патувањето ќе трае над 70 дена и ќе опфати 18 држави, па патниците ќе имаат можност да разгледуваат градови попат.

Дел од маршрутата ќе се совпадне со „Хипи треил“, популарно патување меѓу Европа и Азија кое се одвивало со „магичните автобуси“ од средина на 1950-ите до крајот на 1970-ите. „Најдолгото патување со автобус на светот“ и сега ќе биде вистинска авантура, но ќе биде надградено за да се направи покомотно, па седиштата ќе имаат доволно простор за нозете, ќе има безжичен интернет, полначи, приватни шкафчиња и индивидуални системи за забава.

Појдовната точка ќе биде Њу Делхи, па преку Мјанмар, Тајланд и Лаос ќе се стигне во Кина, каде што патниците ќе се сретнат со големите панди, ќе прошетаат по Кинескиот ѕид и ќе ја истражуваат пустината Гоби. Патувањето потоа делумно ќе го следи древниот Пат на свилата, па преку Киргистан, Узбекистан и Казахстан ќе се влезе во Русија. Потоа ќе се продолжи преку неколку европски главни градови, како Вилнус, Варшава, Прага и Брисел, пред да се стигне на крајната дестинација Лондон.

Првите автобуси се планирани за мај 2021, но тоа може да претрпи промени, во зависност од ситуацијата со коронавирусот. Билетите можат да се купат за една од четирите етапи или за целото патување, што ќе чини 15.300 фунти.