Британскиот уметник Саша Џафри го заврши и претстави своето дело „Патување на човештвото“, најголемото уметничко платно на светот што се состои од 70 делови и се надева дека од нивната продажба ќе собере милиони долари за хуманитарни цели.

Делото кое влезе во Гинисова книга на рекорди се простира на 1.595 квадратни метри и 44-годишниот Џафри го правеше во балската сала на хотелот „Палмата Атлантис“ во Дубаи. Шарената слика сега ги краси ѕидовите на луксузниот хотел, поделена на 70 врамени делови со различна големина, што ќе се продаваат во наредните години. Целта е да се соберат најмалку 30 милиони долари за разни проекти за деца во сиромашните делови од светот.

Сакам да помогнам да се промени светот, а тоа ќе го направиме така што ќе донесеме интернет во сите сиромашни заедници. Потоа ќе им дадеме вистинско образование на тие деца. Можеби ќе ни требаат десет години за тоа, но можеме да го направиме“, изјави Џафри.

На него му требаа седум месеци да ја заврши сликата, работејќи од 18 до 20 часа на ден. Притоа потрошил 6.000 литри боја и над 1.000 четки. Деца од 140 земји испратија свои дела преку интернет за да бидат вклучени во креацијата на Џафри.