„МАРВЕЛ“ ГО ПРОСЛАВИ 80. РОДЕНДЕН – ОД РАБОТ НА БАНКРОТ ДОЈДЕ ДО СТАТУС НА МИЛИЈАРДЕР

Њујорк, (Би-Би-Си)

За еден 80-годишник, „Марвел“ сѐ уште многу добро се држи и успешно го спасува светот.

Еден од најважните стрипови на сите времиња „Marvel Comics#1излезе пред точно 80 години во октомври и денес е едно од најголемите имиња во забавната индустрија. Тој ѝ се доближи на новата публика преку низа блокбастери, од кои само „Капетан Америка“ и „Одмаздници“ заработија по една милијарда долари.

Ова и не е така лошо за компанија која пред само 25 години беше на раб на банкрот.

Првиот стрип на „Марвел“ имаше 16 страници и излезе во октомври 1939

„Марвел“ почна како „Тајмли комикс“ со суперхерои како Сабмаринер и Хјуман Торч, но дури во 1960-ите го направи вистинскиот пробив.

„До тој момент, суперхероите веќе постоеја неколку децении. Бетмен, Супермен и Вондер Вуман веќе беа стара гарда, издавани од ‘Ди-Си комикс‘, и тогаш и денес најголемиот ривал на ‘Марвел‘. Она што ‘Марвел‘ го направи во 1960-ите беше што создаде цела палета суперхерои кои повеќе беа како обични луѓе. Ликови како Спајдермен и Хулк беа мотивирани од вина или гнев“, вели Крис Мареј, професор по стрип на Универзитетот во Данди.

Првото издание со Икс-Мен, издадено во 1991, е најпродаваниот стрип на сите времиња

Ликовите како Икс-Мен и Блек Пантер ги одразуваа и општествените промени во Америка, а различностите се уште поизразени во последните години.

Целиот овој универзум можеше да пропадне кога „Марвел“ се соочи со финансиски проблеми во 1990-ите. Во 1999 дури беше принуден да ги продаде правата на Спајдермен на „Сони“, и тоа за само седум милиони долари.

Во 2009, „Волт Дизни“ го купи „Марвел“ за повеќе од четири милијарди долари, што беше почеток на нова ера во забавната индустрија. „Марвел“ денес има и свој сопствен филмски универзум и само за наредниот период се најавени 10 нови филмови и осум ТВ-серии за стриминг платформата „Дизни+“.

Не може со сигурност да се каже колку суперхерои и ликови има создадено „Марвел“. Нивната бројка се движи околу 7.000, но, всушност, се десетици илјади, ако се земат предвид и сите оние кои само еднаш се имаат појавено.