ВО ФИЛМ НА „МАРВЕЛ“ ПРВПАТ ЌЕ СЕ ПОЈАВИ ТРАНСРОДОВ ЛИК

Лос Анџелес, (Индипендент)

Студиото „Марвел“ потврди дека неговиот универзум на суперхерои ќе го добие првиот трансродов лик, кој ќе биде претставен во претстојниот филм „Вечните“ (The Eternals).

Обожавателите често испраќаа молби до „Марвел“ да вклучи претставник на ЛГБТИ заедницата во својата франшиза.

На прашањето дали планираат да воведат ЛГБТИ ликови во своите филмови, особено трансродови, претседателот на „Марвел“ Кевин Фиџ одговори:

„Апсолутно, да. Многу брзо ќе се појави, всушност, во филмот што сега го снимаме“, кажа Фиџ во интервју во Филмската академија на Њујорк.

Иако Фиџ не го образложи својот одговор, единствениот филм на „Марвел“ што моментално се снима е „Вечните“, во кој играат Анџелина Џоли, Салма Хајек, Кит Харингтон, Ричард Маден и Кумаил Нанџијани. Премиерата е најавена за 6 ноември.