МЕДАЛИТЕ ЗА ОЛИМПИСКИТЕ ИГРИ ВО ПАРИЗ СОДРЖАТ ПАРЧЕ МЕТАЛ ОД АЈФЕЛОВАТА КУЛА

Париз, (Дезин)

Францускиот златар „Шоме“ го објави дизајнот на медалите кои ќе се доделуваат на претстојните Олимписки и Параолимписки игри во Париз, кои ќе траат од 24 јули до 11 август. Тие содржат вистинско парче од Ајфеловата кула, со цел спортистите да добијат незаборавен сувенир од Игрите.

Отстранети за време на разни реновирања во текот на 20. век, овие парчиња метал досега се чуваа во складиште на тајна локација и сега им е дадена нова намена. Ќе бидат произведени вкупно 5.084 медали, сите од рециклирани метали.

„Сакавме медалите да бидат навистина уникатни и да го носат потписот на Париз. За да го постигнеме тоа, го споивме најсилниот олимписки симбол, медалите, со ултимативниот симбол на Париз и Франција низ светот, Ајфеловата кула“, изјави претседателот на организацискиот комитет на ОИ, Тони Естанге.