Под мотото „Ментална хигиена“, денеска се отвора деветтото издание на скопската Недела на дизајн, што ќе се одржува во Јавна соба.

„Менталната хигиена ја одбравме како иницијатива со која би го промениле сето она што го навредува дизајнот. Дизајнот можеме да го сретнеме насекаде, секојдневно и низ различни форми. На нашето општество му е потребен бран на ментална чистка, пред сѐ, преку потврда на нашата работа овие девет години“, вели Тамара Георгиевска, менаџер на Недела на дизајн.

Оваа година нема да има земја во фокус, туку ќе им се оддаде почит на сите дизајнери и дизајн сцени од бившите југословенски простори, но и пошироко.

Во рамките на работната програма ќе се случуваат различни типови на работилници и предавања кои ја опфаќаат менталната хигиена во целост. Првпат ќе се организира и час по готвење под раководство на мастер готвачот Ренато Краљев, што ќе се одржи в сабота од 12:30 часот.

Недела на дизајн и официјално се отвора вечерва во 21 часот со настапот на групата „El Jazzeyra“ и трае до 1 декември, а влезот за сите содржини е слободен.