НАЈГОЛЕМАТА СЛОЖУВАЛКА НА СВЕТОТ СЕ СОСТОИ ОД 51.300 ДЕЛЧИЊА

Лондон, (Индипендент)

Ако веќе немате филмови и серии за гледање во ова време на изолација и ви треба друга занимација, компанијата „Кодак“ има решение во форма на „најголемата сложувалка на светот“.

Таа се состои од 51.300 делчиња и кога ќе се комплетира, покажува 27 светски чуда, прикажани преку фотографии направени од професионални фотографи.

„На овој начин ги славиме наследството на ‘Кодак‘ и убавата фотографија. Сите фотографии се направени од професионални фотографи, кои потоа дигитално се подобрени и отпечатени во највисок квалитет, што ќе можете да го забележите во секое делче“, соопшти компанијата.

Меѓу чудата вклучени во сложувалката се Кинески Ѕид, Ајфелова кула, римски Колосеум, Статуа на слободата и Таџ Махал. Во конечна форма, таа има големина од 8,6 метри со 1,9 метри.