НАЈСКАПИОТ АВТОМОБИЛ НА СВЕТОТ ЌЕ БИДЕ ГОТОВ ДУРИ ЗА 2,5 ГОДИНИ

Париз, (Мотор1)

„Бугати“ го привлече вниманието на светската јавност кога на неодамнешниот Автосаем во Женева го претстави уникатниот примерок на црн „ла воатур ноар“, кој ја носеше етикетата на најскап автомобил на светот.

Сепак, освен надворешноста, 18,68 милиони долари вредниот суперавтомобил засега не може да покаже ништо друго. Тим Браво, шефот на комуникациите во „Бугати“, вели дека „ла воатур ноар“ сè уште е само концепт и е далеку од тоа да се нарече функционално возило.

„Ова не е финалната верзија. Ние почнавме да работиме на проектот пред само половина година, кога со нашиот муштерија го договоривме предлогот. Возилото ќе биде испорачано за две, две и пол години“, изјави Браво.

Тој потврди и дека дизајнот на ентериерот засега не е готов.

Со други зборови, она што беше видено во Женева е подвижна школка со електричен мотор и мал пакет батерии. Конечната верзија ќе има 8.0-литарски квад турбо В16 мотор со 1.500 коњски сили.