Националниот авиопревозник на Нов Зеланд планира да вгради кревети во економската класа на некои од своите најдолги летови, но за да спијат во вакви капсули, патниците веројатно ќе мора да почекаат уште една година.

„Ер Њу Зиланд“ објави дека веќе го патентирал она што го нарекува „Economy Skynest“, што ќе се состои од шест капсули за спиење, со кревети долги 200 и широки 58 сантиметри. Креветите ќе бидат поставени на три нивоа, со два кревета на секое ниво.

Секој кревет ќе биде опремен со перница, чаршаф и ќебе, како и со слушалки и завеса за приватност. Постои можност да има и осветлување за читање и УСБ-приклучок.

„Овој производ е наменет за некои од нашите најдолги летови, како оној од Окленд до Њујорк, што трае 17 часови и 40 минути и треба да биде воведен следната година“, изјави Мајк Тод, шеф на маркетингот на „Ер Њу Зиланд“.

За кревет ќе треба да се доплати при букирањето на летот.

„Капсулата ќе може да се користи во текот на летот. Вие и натаму ќе го имате вашето седиште во економската класа“, додаде Тод.