„НИСАН ЛИФ“ Е НАЈПРОДАВАНИОТ ЕЛЕКТРИЧЕН АВТОМОБИЛ ВО ЕВРОПА ВО 2018

Токио, (Автокар)

„Нисан“ објави дека го има најпродаваниот електричен автомобил во Европа оваа година.

Станува збор за моделот „лиф“, кој е продаден во 26.000 примероци во првите осум месеци од 2018, при што во Норвешка е најпопуларен патнички автомобил воопшто.

„Нисан лиф“ добро котира низ целиот континент и бележи одлични продажни бројки во Австрија, Германија, Франција, Холандија, Шпанија и во Португалија. Попрецизно, на секои десет минути, во Европа се продава по еден „лиф“.

Новиот „нисан лиф“ се базира врз одличните карактеристики на својот претходник, што е дополнето со напредни технологии и со петте ѕвезди за безбедност. Тука се и системите Пропилот и Пропилотпарк, кои овозможуваат едноставно движење низ сообраќајот и лесно паркирање. Иновативната е-педала, пак, му овозможува на возачот да забрзува и забавува со користење на само една педала.

Откако беше лансиран во 2010 година, „нисан лиф“ има освоено повеќе од 100 меѓународни награди.