Нов хотел во Текила, градот во Мексико каде што е измислен истоимениот пијалак, им нуди можност на гостите да спијат во соби обликувани како големи буриња.
„Матисес, Хотел де Барикас“ е тематски хотел сместен среде дестилерија за текила, која произведува 15.000 литри од овој пијалак на ден. Хотелските соби, кои изгледаат како вистински буриња за текила, се окружени со поле на сина агава, растение кое е основна состојка во производството на најпознатиот мексикански алкохолен пијалак.
„Матисес“ располага со 30 соби, целосно опремени со стандардните хотелски удобности, како телевизор, клима уред и минибар, а во оние поскапите има и џакузи.
Цените за ноќевање почнуваат од 3.950 мексикански пезоси (180 долари).
Гостите можат да научат и нешто повеќе за историјата на текилата со посетата на локалниот музеј и на пештерскиот бар-ресторан, сместен четири и пол метри под земја.