ОД АМСТЕРДАМ ДО ПАРИЗ ЗА 90 МИНУТИ – ХОЛАНДИЈА ЈА ГЛЕДА ИДНИНАТА НА ПРЕВОЗОТ ВО ХИПЕРЛУПОТ

Амстердам, (Гардијан)

Побрз од воз, побезбеден од автомобил и помалку штетен за животната средина од авион, холандската провинција Северна Холандија верува дека хиперлупот е иднината на превозот.

Се прават планови Амстердам да се поврзе со други европски градови со овој футуристички систем, кој би превезувал патници во капсули, што ќе се движат на електромагнетски погон низ вакуумски цевки со брзина од речиси 1.000 километри на час.

Истражување спроведено од холандскиот технолошки стартап „Харт хајперлуп“ утврдило дека хиперлупот би го скратил патувањето од Амстердам до Париз, Брисел, Диселдорф или Франкфурт од часови на минути, а границите буквално би биле избришани.

Дизајн на станица за хиперлуп (Фото: Харт)

Патниците кои би влегле во капсула во Амстердам би пристигнале во Брисел за 30 минути, а во Париз за 90 минути, место досегашните три и пол часа.

Идејата за аеродинамички супербрзи капсули прв ја промовираше Илон Маск во 2013 година, но сега некои ја оспоруваат нејзината исплатливост и повикуваат да се инвестира во развојот на постоечките четири облици на транспорт (автомобил, воз, авион, брод).

„Овој систем може да доведе до креирање на ‘компактен регион‘ на пет европски градови, а заштедите во времето би донеле дополнителни 275 милијарди евра во буџетот на провинцијата. Исто така, бројот на авионски летови од аеродромот во Амстердам би се намалил за 20.000-24.000 до 2040 година“, смета Јерун Олтхоф, началник за мобилност за Северна Холандија.