Четиринаесет големи бронзени скулптури на матка, кои графички ги покажуваат фазите од зачнување до раѓање на бебе, беа официјално откриени во кругот на една болница во Катар.

Оваа инсталација е дело на британскиот уметник Демиен Хрст и ги пречекува пациентите на влезот во осум милијарди долари вредниот медицински центар „Сидра“. Таа е една од најголемите атракции на колекцијата на модерна уметност, што деновиве беше отворена во Катар.

Колекцијата кулминира со 14 метри високата скулптура на раѓање на бебе (Фото: АФП)

Насловена „Чудесно патување“, инсталацијата покажува фетус како расте во матката, што кулминира со раѓањето претставено со 14 метри висока скулптура. Целата колекција има вкупна тежина од 216 тони.

Скулптурите, кои имаат височина од пет до 14 метри, оригинално беа отворени во 2013 година, но поради критиките на јавноста, стоеја покриени сè до неодамна, наводно, за да не се оштетат додека се изведуваат градежните работи на болницата.

„Ова се први скулптури на разголен човек на Блиски Исток, тоа е доста храбро“, изјави Хрст во 2013 година.