„РЕНО 5“ СЕ ВРАТИ КАКО ЕЛЕКТРИЧЕН АВТОМОБИЛ

Женева, (Ројтерс)

„Рено“ го претстави својот долгоочекуван електричен автомобил „Р5“ на Автосаемот во Женева, модел кој директно е инспириран од неговиот бестселер од 1972. Овој мал седан беше ветен во 2021 како дел од планот за трансформација на „Рено“.

Во поглед на дизајнот, тој отворено копира елементи од „Р5“ и од легендарниот „супер 5“, кои се продадоа во девет милиони примероци од 1972 до 1996 година. За разлика од други автобрендови кои успешно обновија свои легендарни модели, како „мини“ или „фиат 500“, „Рено“ го избегна она што неговиот директор на дизајнот го опиша како „ретрофутуризам“.

„Р5“ во својата класична верзија

„Обновувањето на стар модел мора да се направи во вистинско време, каде што правилно одекнува во историјата на брендот“, изјави Жил Видал.

Првата верзија на малиот седан, што ќе биде лансирана во втората половина на годината, ќе има батерија со домет од 400 километри. Помалку моќната верзија, со батерија со која ќе можат да се поминат 300 километри, ќе чини 25.000 евра.

„Рено“ е единствената голема европска автокомпанија која се претставува на првиот саем во Женева од 2019 година.